Се разбира дека ќе консултираме експерти кои се разбираат во уставно право и учествувале во претходните фази на промени на Уставот. Тој процес ќе започне со иницијатива на Владата со одлука, како и за Преспанскиот договор. Најважно е да создадеме атмосфера која нема да се повтори како што беше минатата недела во Собранието, која не овозможи услови за дијалог. Сакаме да биде тоа процес во отворена расправа и јавна расправа, со вклучување на претставници на заедниците кои треба да бидат вклучени на Уставот. Во содржинска смисла, овие уставни измени би биле веројатно најлесни од сите досега, бидејќи ние веќе имаме седум заедници во Уставот и треба да додадеме најмалку три. Не знам зошто некој би имал нешто против тоа, бидејќи нашиот концепт на Уставот го овозможува тоа, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ како одговор на новинарско прашање во врска со предвидените уставни измени за внесување на дел од бугарскиот народ во преамбулата.
Вицепремиерот истакна дека има „два типа на патриоти“.
-Едни кои остануваат само на убави и лоши зборови и едни кои што работат на дело. Во наш врвен интерес е да ги оствариме нашите две цели кои ги промовиравме овие години – да го заштитиме идентитетот и јазикот и да станеме членки на ЕУ. Ние како Влада сметаме дека тоа се остварливи цели во исто време. На добар пат сме да го оствариме. Мислам дека во изминатите пет години има направено сериозни чекори во заштита на македонската посебност. Тоа е попатриотски од било која друга симболика. Оваа Влада е патриотска и мултинационална, вели Маричиќ.