Бразилскиот дефанзивец Дани Алвеш му се приклучи на мексикански Пумас, соопштија од клубот.
На 15 јуни, Алвеш го напушти шпанскиот гигант Барселона, за кого играше од 2008 до 2016 година, а исто така и од ноември 2021 до јуни 2022 година. Бразилецот има 407 настапи за Каталонците, постигнувајќи 22 гола и 104 асистенции.
39-годишниот Алвеш ги носеше, досега, дресовите на бразилска Баија, шпанска Севиља, италијански Јувентус и француски Пари Сен Жермен.
Дефанзивецот е најодликуваниот фудбалер во историјата со 43 трофеи. Алвеш стана шесткратен шампион на Шпанија, двократен шампион на Франција, шампион на Италија, три пати ја освои Лигата на шампионите, двапати Купот на УЕФА, три пати Суперкупот на УЕФА.
Со бразилската репрезентација двапати го освои Купот на конфедерации (2009, 2013) и Копа Америка (2007, 2019), а стана и олимписки шампион во Токио 2020 година.