На Македонија ќе и биде потребен увоз на електрична енергија и доколку работат сите домашни производни капацитети. Ова е еден од низата заклучоци од неодамна одржаниот состанок во Регулаторната комисија за енергетика на кој присуствувале претставници на компаниите од електроенергетскиот сектор.
Причина за потребата од увоз е фактот што во зимскиот период само мал број земји ќе вршат извоз на електрична енергија и тоа што до 1 Октомври многу тешко ќе може да се одржи постоечкото ниво на хидроакумулациите во случај на испад на некој блок од термоелектроцентралите.
Во насока на побезболно надминување на тешкиот зимски период којшто следува, како што дознава „Локално“, од Владата ќе се бара ТЕЦ Осломеј да не се исклучува во август, да се обезбедат финансиски средства за набавка на дополнителни количини мазут за ТЕЦ Неготино и за топланите и да се обезбеди природен гас.
Според очекувањата, РЕК Битола во зимскиот период ќе може да работи со три блока, завршени се ремонтите на блок 2 и блок 3 а ремонтот на блок 1 е одложен за септември.Според информациите на локално, ТЕЦ Неготино треба да биде пуштена во употреба кон крајот на месецов односно откако ќе пристигнат новите количини мазут. Со констатација дека електропреносниот систем е подготвен за зимскиот период, на состанокот била посочена важноста од потребата електроцентралите да бидат подготвени за производство, вклучувајќи ги термоелектроцентралите на јаглен, мазут, и ТЕ-ТО Скопје.
Како важен фактор и услов за што полесно соочување со тешкиот зимски период којшто следува, енертетскиот сектор ја посочил потребата од јавни кампањи за штедење на електрична енергија. Анализите покажуваат дека во западно европските земји каде со месеци наназад фокусот е на подигање на свесноста на граѓаните и пред на нивната одговорност, веќе се регистрираат првите резултати, и тоа преку намалување на процентот на потрошена струја.
К.В.С.