Не само градоначалниците, туку и директорите поставени од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се тешко разочарување за граѓаните. Меѓу нив е и скоро поставената директорка на ЈП Комунална хигиена Скопје Косана Мазнева, блиска соработничка на Мицкоски која се заканува со повисоки сметки за граѓаните и на тој начин да ја сокрие сопствената неспособност да менаџира со претпријатието, соопштија попладнево од СДСМ.
Според владеачката партија, „нема јавно претпријатие или институција под Град Скопје каде во овие девет месеци не се јави проблем со раководењето, што покажува за капацитетот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“.
-Ако не знаат кадрите поставени од ВМРО-ДПМНЕ како да работат со претпријатијата и институциите во Скопје нека си дадат оставки. Граѓаните на Скопје не заслужуваат и не смеат да трпат штети поради нивната неспособност, велат од владеачката партија.
Реакцијата следува откако в.д .директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Мазнева посочува дека претпријатието се соочува со драстичен пад на наплатата на побарувањата како од домаќинствата така и од правните субјекти, што го доведуваат во прашање извршувањето на примарните активности на Претпријатието на терен.
-Воедно, цените на горивата што се употребуваат за нормално функционирање на возниот парк на ЈП Комунална хигиена-Скопје се зголемени за над 80 проценти во однос на минатата година, додека идентична е состојба и со цената на електричната енергија. Пред сè поради фактот дека нашето финансирање се одвива исклучиво преку наплатата на нашите услуги што поради новонастанатата ситуација е крајно отежната, ја поддржуваме иницијативата на АДКОМ за изнаоѓање институционално решение за излез од финансиската криза на јавните претпријатија во државата, изјави Мазнева.