Трајковски за новиот ковид-бран: Дневниот морталитет не би требало да надмине 10 починати

од Nikola Popovski
248 прегледи

Професорот Дејан Трајковски, кој преку неговите математички анализи пресметува колку траат ковид-брановите и како се движат бројките, информира дека соборени два рекорди на епидемијата во Македонија, за дневната стапка на позитивни тестови (48,31%) и за нејзината седумдневна подвижна средина (40,35%).

-Но, овие абнормално високи проценти не кажуваат дека толкав процент од населението е заразен, туку само дека бројот на тестирања е премал. Инаку, доколку 50% од популацијата би била заразена, при сегашната вредност на ефективниот репродукциски број Rt од околу 1,27, после само еден до два сериски интервали од 2 дена би биле заразени и преостанатите 50% од популацијата и епидемијата би згаснала самата од себе. Вака, изгледа дека се тестираат само тие со симптоми или тие коишто сакаат да добијат боледување, објаснува Трајковски.

Според професорот, дневните броеви на нови случаи ќе продолжат да се зголемуваат уште можеби 2 недели, но не би требало да искачат многу над 1.000 случаи дневно, евентуално до околу 1.200 случаи.

-Стапката на хоспитализираност е минимално поткрената во однос на претходните недели, на околу 1,8%, но таа се уште е далеку пониска од некогашниот просек од 11%, информира Трајковски.

Тој пресметува и за процентот со смртни случаи.

-Останува во сила прогнозата дека дневниот морталитет не би требало да надмине 10 починати, односно во просек околу 5-6 дневно, што би се случило на врвот на морталитетот после околу еден месец од денеска. Помалиот леталитет се компензира со поголемиот број на заразени, така што доаѓаме до истиот морталитет. Колективниот имунитет стекнат во овој бран би требало да држи барем 5 месеци, така што есенското избувнување не би требало да се случи пред ноември – освен доколку новиот потсој БА2.75 „Кентаур“ не не изненади со заобиколување на имунитетот.

Слични содржини