Продолжуваат горештините, ослободени од работа ранливите групи граѓани

од Берта Китинска
188 прегледи

Денеска времето во Македонија ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. УВ индексот ќе биде 9.

До среда подрачјето на нашата земја и понатаму ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури. Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност со максимални температури до 40 степени, информираат од УХМР.

На предлог на Министерството за здравство, Владата во петок ја измени Одлуката во врска со препораките поврзани со високите временски температури донесена во средата, со што препораката за ослободување од работни обврски на ранливите групи граѓани, меѓу кои и бремените жени и лицата над 60 години, е продолжена да важи до 27 јули. Како што се посочува во владиното соопштение, од оваа одлука се изземаат хронично болните лица.

– Според добиените информации од Управата за хидрометеоролошки работи, дека во државава, високи температури се очекуваат и во деновите по 24 јули, Владата донесе одлука за измена на заклучокот од претходната седница, којшто се однесуваше на ослободување одредени категории лица од работни обврски од 21 до 24 јули 2022 година, со тоа што овој рок е продолжен до 27 јули 2022 година. Препораката за ослободување од работни обврски во периодот до 27 јули се однесува на ранливите групи граѓани, меѓу кои и бремените жени и лицата над 60 години, информираше владината прес-служба.

Според оваа одлука, во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11 до 17 часот.

Слични содржини