Властите на Мјанмар егзекутираа четворица политички противници

од Vladimir Zorba
204 прегледи

Владата на Мјанмар соопшти дека ги извршила своите први егзекуции во последните 50 години, откако поранешниот пратеник на Националната лига за демократија, продемократски активист и двајца мажи обвинети за насилство биле обесени.

Егзекуциите беа извршени и покрај молбите ширум светот за помилување на четворицата политички затвореници. Апелот го испратија и експерти од ОН и Камбоџа, која е актуелен претседавач со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија.

Активистите биле егзекутирани „во согласност со законските процедури“ за насочување и организирање на „насилни и нечовечки соучеснички акти на терористички убиства“, пишува државниот „Дејли мирор“.

Министерката за човекови права Аунг Мио Мин во Владата на национално единство, владата во сенка формирана надвор од Мјанмар откако војската ја презеде власта во февруари 2021 година, ги отфрли обвинувањата дека мажите биле вмешани во насилството.

„Смртната казна е начин да се контролира јавноста преку страв“, рече таа.

Меѓу погубените беше и Фио Зеја Тау, поранешен пратеник од партијата на соборената лидерка Аунг Сан Су Чи, која беше осудена од воениот суд во јануари за бомбашки напади и финансирање тероризам.

Кјав Мин Ју (53), демократски активист попознат како Ко Џими, исто така беше погубен поради кршење на антитерористичките закони.

Двајца други мажи, Хла Мио Аунг и Аунг Тура Зав, беа осудени за мачење и убиство на жена за која, наводно, се верува дека е воен доушник во март 2021 година.

Слични содржини