Српскиот фудбалер Сергеј Милинковиќ Савиќ е на мета на Манчестер Јунајтед, доколку „црвените ѓаволи“ не успеат да го доведат Френки де Јонг во своите редови, пренесуваат британските и италијанските медиуми.
Продолжува сагата за потенцијалниот трансфер на Френки де Јонг од Барселона.
Покрај Манчестер Јунајтед, за Де Јонг се заинтересирани и Челзи и Баерн Минхен.
Според пишувањата на медиумите ширум Европа, Барселона се договорила за трансфер условите со „црвените ѓаволи“, но Де Јонг упорно одбивал да се пресели во Јунајтед.
Според последните информации, Барселона на Де Јонг му понудила услов да остане на „Ноу Камп“, а тоа е да мора да прифати 40 отсто помала плата.
Барселона на тој начин би можела да го задржи холандскиот фудбалер, но и да регистрира нови засилувања (Левандовски, Рафиња, Кристенсен, Кеси, веројатно и Кунде).
Јунајтед се подготвува за вакво сценарио, па тргна во потрага по уште еден играч од средниот ред.
„Калчомеркато“ тврди дека Сергеј Милинковиќ-Савиќ е првата алтернатива за Де Јонг, бидејќи челниците на „црвените ѓаволи“ го губат трпението и сакаат да ангажираат засилувања пред почетокот на сезоната во Премиер лигата.
Српскиот фудбалер е долгогодишен член на Лацио, а често ја носи и капитенската лента на римскиот клуб. Неговиот менаџер Матеја Кежман подготвува официјална понуда до Манчестер Јунајтед за својот клиент.
Претходните години Лацио бараше 100 милиони евра за Милинковиќ-Савиќ, но италијанските медиуми тврдат дека отштетата за српскиот фудбалер сега изнесува околу 70 милиони евра.
Милинковиќ-Савиќ (27) има договор со Лацио до 30 јуни 2024 година.