Австрија: Несогласувања околу укинувањето на карантинот за ковид позитивните

од Stefanija Kuzmanovska

Иако не е постигнат договор со покраините, австрискиот министер за здравство Јоханес Рауч има намера да донесе одлука за укинување на карантинот за лицата заразени со коронавирусот.

На самитот со гувернерите на провинциите не беше постигнат договор, бидејќи гувернерите од редовите на Социјалдемократската партија на Австрија (СПО), меѓу кои и градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, се спротивставија на укинување на карантинот.

Лудвиг на прес-конференцијата по самитот рече дека е против укинување на карантинот.

– Намерата на австриската влада ја сметам за чекор во погрешна насока. Мора да се подготвиме за есенскиот бран, бидејќи нема да се намали бројот на зарази. Поаѓаме од тоа дека наесен ќе имаме дополнителни бранови – рече тој.

Досега, Виена спроведуваше порестриктивна политика за корона од останатиот дел од земјата, така што карантинот трае 10 дена во главниот град, а пет дена во другите провинции.

Лудвиг, пак, рече дека виенските власти ќе ја забележат одлуката на федералните власти, бидејќи секој ден околу 300.000 луѓе од странство доаѓаат на работа во овој град, па затоа е невозможно да се примени поинаква мерка во однос на карантинот.

Предлог-уредбата за укинување на карантинот предвидува дека од први август на заразените ќе им биде дозволено да се движат, па дури и да одат на работа, но со обврска за носење маска и забрана за приближување до одредени места, како болници, установи за нега, градинки, основни училишта и слично.

Слични содржини