Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторникот навести дека би можел да влезе во претседателската трка по трет пат велејќи на собир организиран од поранешни членови на неговата администрација дека неговиот обид за импичмент и истрагата за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година биле дизајнирани да го спречат да го стори тоа.
„Сакаат да ви наштетат, но навистина сакаат да ми наштетат на мене за да не работам повторно за вас… Мислам дека нема да успеат“, им рече Трамп на своите поддржувачи, кои извикуваа: „Уште четири години“.
Трамп го изјави ова на состанокот на институтот America First Policy во Вашингтон, првпат тој дојде во главниот град откако ја напушти функцијата во јануари 2021 година. Според извештаите на медиумите, поранешниот претседател би можел во септември да објави дека влегува во трета претседателска кампања.
Иако тоа официјално не го најави, од говорот можеше да се насети дека не планира да оди во политичка анонимност.
Наместо тоа, тој рече дека чувствува дека мора да се ангажира и покрај, како што рече, „прогонството“ од претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, демократите и комисијата што го истражува упадот во Капитол.
„Да се заклучев во куќата и само да гледав мирно, прогонството на Доналд Трамп веднаш ќе престанеше“, рече тој. „Но, нема да го сторам тоа…мора да ја спасам нашата земја“.
За време на говорот Трамп ги нарече членовите на комисијата „насилници“ и ги повтори своите неаргументирани тврдења дека победил на претседателските избори во 2020 година.
„Секогаш велам дека првиот пат се кандидирав и победив. А тогаш се кандидирав по втор пат и поминав уште подобро. Каков срам беше тоа! Но, можеби ќе треба да го направиме тоа повторно“, рече Трамп.