Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Марко Асенсио одлучи да остане во клубот и за новата сезона. Во последните неколку недели, имаше извештаи за интерес за 26-годишниот фудбалер од Милан, Њукасл, Арсенал и Ливерпул. Сепак, тој одлучил дека е подобро да остане на „Сантијаго Бернабеу“, тврди трансфер гуруто Фабрицио Романо.
Договорот на Асенсио истекува следното лето и засега нема индикации дека ќе биде обновен. Очигледно, планот на играчот е да остане во Реал оваа сезона, а потоа да замине како слободен играч, па ќе има поголем избор каде да ја продолжи кариерата и ќе може да преговара за посериозна плата со својот иден клуб.
Сепак, останувањето на „Бернабеу“ исто така претставува ризик за играчот од средниот ред. Тој не е стартер во тимот на Карло Анчелоти. Доколку не игра доволно редовно, можеби нема да добие повик за претстојното Светско првенство во Катар оваа зима.
Асенсио во Реал пристигна од Мајорка во 2014 година. На почетокот беше даден под кирија, за во 2016 година конечно да се пробие во првиот состав на „Белиот балет“.
За мадриѓаните досега има 235 натпревари, 49 гола и 24 асистенции.