Состојбата во Украина покажува дека санкциите против Русија не функционираат толку брзо како што се надеваше Европската унија, потребно е време, изјави во четвртокот австрискиот канцелар Карл Нехамер.
– Затоа ставот на Австрија е дека ембаргото на гасот е невозможно. Тоа не е само затоа што ние како Република Австрија сме зависни од рускиот гас, туку и германската индустрија зависи од него и, доколку ја загуби стабилноста, истото ќе се случи и со австриската индустрија – рече Нехамер на прес-конференција во Виена по разговорите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Нехамер смета дека „интелигентните“ санкции против Русија, кои вклучуваат мерки против нејзината економија, ќе функционираат, но дека за тоа ќе биде потребно време.
Унгарскиот премиер посочи дека Унгарија се уште се противи на ембаргото за увоз на гас од Русија во Европската унија и оти не е сама во тоа.