Џафери на проштална средба со Задорожњук: Недвосмислена поддршка за суверенитетот на Украина

од Nikola Popovski
171 прегледи

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари проштална средба со амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Н.Е. Наталија Задорожњук.

Претседателот Џафери изрази благодарност за плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Амбасадата на Украина, како и активниот придонес на амбасадорката за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави. Тој ја повтори цврстата и недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и подвлече дека Република Северна Македонија се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции кон Руската Федерација. Претседателот воедно упати и честитки до Украина за добивањето на статус земја кандидат за зачленување во Европската унија и ја нагласи нашата подготвеност за поддршка во процесот на евроинтеграцијата.

Амбасадорката Задорожњук се заблагодари за целосната политичка, економска, хуманитарна и воена поддршка за Украина од Република Северна Македонија, а особено за личниот придонес на претседателот Џафери, кој беше еден од првите претседатели на парламенти и прв висок функционер од Западен Балкан што ја посети Украина во април годинава. Истовремено, таа упати благодарност и за „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, што ја усвои Собранието на Република Северна Македонија. Амбасадорката го информираше претседателот на Собранието за тековната состојба во Украина, а се осврна и на зголемувањето на економската соработка и трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Украина, како и проширувањето на договорно-правната рамка меѓу двете земји, во рамките на нејзиниот мандат.

Џафери и  Задорожњук се согласија дека Република Северна Македонија и Украина имаат многу добри билатерални односи, а во последниве години значајна динамика имаше и меѓупарламентарната соработка. Имајќи го предвид огромниот потенцијал за меѓусебна соработка на различни полиња, тие изразија надеж дека во најскоро време ќе бидат создадени услови за натамошно унапредување на блиските односи и соработка.

Слични содржини