Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ утре, покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на државно-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, ќе се одржи и заедничка литургија по повод верскиот празник Св. Илија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ), објави МИА.
Како што појаснува државната агенција, заедничката литургија во црквата во манастирот „Св. Прохор Пчински“ со почеток во 8 часот ќе ја сослужуваат митрополитот струмички Наум, митрополит кумановско-осоговски Григориј и епископот стобиски Јаков од МПЦ – Охридска Архиепископија и епископот врањски Пахомије од СПЦ.
Државно-црковна делегација на Македонија по 18 години ќе го посети манастирот „Св. Прохор Пчињски“.
За одбележувањето на Илинден во манастирот Пендаровски изјави дека разговарал со претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Тој објасни дека српскиот претседател нема да може да ја предводи српската делегација на утрешната комеморација поради други обврски, но тоа ќе го стори министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ.
Вучиќ, како што рече Пендаровски, изразил уверување дека тоа ќе биде организирано и на црковно и на државно ниво како што и доликува.