Секогаш сме биле на вистинската страна на историјата. На украинскиот народ сме му помогнале и со хуманитарна помош и згрижување на бегалци, дел од нив се се уште тука. Украинскиот народ се наши пријатели и сме покажале дека сме и народ и држава што знаат да ценат пријателство, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за вестите на Тв Канал 5 околу испораката на тенкови за потребите на Украина.
Премиерот потенцира дека ние сме ги усогласиле политиките со политиките на НАТО и ЕУ и поради тоа бараме полноправно членство во Унијата.
Како што претходно објави Министерството за одбрана, станува збор за донација од трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа.
-Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија согласно донесените Одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Република Северна Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства, соопшти МО.