Увид во клубот „Ванчо Михајлов“ по претставка за дискриминација

од Nikola Popovski
259 прегледи

Комисијата за заштита и спречување на дискриминација денес изврши увид во бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола после поднесена претставка за дискриминација.

Според членот на комисијата Весна Бендевска, станува збор за претставка поднесена од Здружение на граѓани со оправдан интерес.

„Согласно член 29 од Закон за спречување и заштита од дискриминација. Работиме на претставка поднесена од Здружение на граѓани со оправдан интерес. Ова го нагласувам бидејќи е битно наведено во законот. Согласно наводите во претставката, должни сме да ја сослушаме и другата страна против која е поднесена, да собереме документи. Членот 29 ни овозможува најавени и ненајавени увиди во документација и простории. Овој пат дојдовме на најавен увид од пред една недела и извршивме во просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката, изјави Бендевска за медиумите.

Таа појасни дека во моментов Комисијата не смее да прејудицира со наводи.

-Во овој момент, во тек е претставката и Комисијата не дава и не прејудицира наводи за кои ќе се изјасниме штом претставката ќе заврши. Има уште неколку институции што ќе мора да ги посетиме, да собереме документи , потоа мислењето ќе го објавиме пред јавноста и ќе биде јавно достапно на нашата веб-страна, додаде Бендевска.

Клубот е отворен на 16 април оваа година во присуство на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и други претставници од бугарскиот државен врв.

На 4-ти јуни, влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот беа запалени в очи на работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје. Осомничен и приведен за опожарувањето беше пејачот Ламбе Алабаковски, кој во моментов се брани од слобода.

Слични содржини