„За разлика од претходно кога имавме многу помал број на медиуми и информации или медиумски пораки коишто беа на некој начин филтрирани и луѓето доаѓаа во контакт со информации, меѓутоа на многу поограничен начин, денеска живееме во време кога медиумските пораки или информации буквално не бомбардираат и читателите, граѓаните, консументите на медиумските содржини се наоѓаат во една проблематична ситуација кога не знаат што да одберат што е вистина, а што не, не знаат да препознаат што е добро обработена информација, а што е „жолт“ печат или што е непрофесионална информација итн. За да зборуваме за граѓани ли читатели којшто ќе бидат добро медиумски описменети или ќе можат да прават таква разлика, треба најпрвин да зборуваме за образованието“, вели Михајло Лахтов, директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ за РСЕ.
Треба да зборуваме, според него, за образование што ќе наметнува еден пристап на критичко размислување, аналитичко размислување, каде што со младите уште од најмала возраст ќе зборуваме за тоа како се прават информациите, како се создаваат медиумските содржини, кој ги прави, зошто ги прави, да можат да развијат вештини и способности да ги анализираат работите со коишто доаѓаат во контакт и да ги евалуираат, односно да направат проценка што е добро, а што е лошо.