Се намалува бројот на заедници на сопственици на станови и деловни простори, а се зголемува ангажирањето управители. Податоците на Регулатората комисија за домување (РКД) покажуваат дека вкупно 7 115 станбени згради се управувани од управител или заедница на сопственици, а во целата држава има десет лиценцирани инспектори за домување.
Според Комисијата, во последните шест месеци има забележителен пораст на бројот на станбени згради управувани од лиценцирани управители и нивниот број сега изнесува 4 476 со вкупно 104 380 посебни делови односно станови и деловни простории, за разлика од втората половина од минатата година кога имало 4 367 станбени згради со вкупно 103 826 посебни делови. Тоа, истакнуваат од Комисијата, значи дека значително е зголемен бројот на посебни делови кои се управувани од страна на лиценцирани управители.
Од 1 јануари до 30 јуни годинава до РКД пристигнале 205 барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови, како и барања за мислење. Од нив, 70 се доставени во писмена форма, а Комисијата предложила соодветни мерки, им ги доставила на инволвираните странки и се произнела со соодветни мислења за примена на одредби од Законот за домување. Предложени се и мерки за предметите доставени по електронски пат, преку веб страната на Регулаторна комисија за домување.
Во првата половина од годинава, издадени се осум лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради и донесени се исто толку решенија на правни лица за продолжување на лиценцата за управител. Во овој период е донесено и едно решение за одземање лиценца за управител, а од 2010 година до јуни 2022 година одземени се вкупно 27 лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Извештајот за работата на Регулатората комисија за домување за периодот јануари-јуни 2022, покажува дека едно правно лице ја вратило лиценцата за управител поради невршење дејност, а на четири правни лица им истекол рокот на важност на лиценцата.
Заклучно со крајот на јуни со дејноста управување со станбени згради активно се занимаваат шеесет правни лица. Во лиценцираните фирми се вработени преку 1452 лица, а преку договори за услуги од областа на управувањето (одржување хигиена, занаетчиски работи и слично) се обезбедува работа и за голем број вработени во фирми кои нудат услуги од ваков тип.