Стивен Сигал, холивудскиот актер кој стана еден од најгласните поддржувачи на политиката на Кремљ и Владимир Путин, ја посети источна Украина за да сними документарен филм чија цел е „промена на перцепцијата“ за војната таму, обвинувајќи го украинскиот претседател Зеленски за „злосторства против човештвото“, пренесоа руските, но и многу светски медиуми.
„Стивен рече дека 98 отсто од луѓето кои зборуваат за конфликтот во медиумите никогаш не биле тука во Донбас. Затоа светот не ја знае вистината. Тој сака да ја промени перцепцијата за оваа војна“, напиша лидерот на ДНР Денис Пушилин на својот канал на Телеграм под фотографијата со Сигал.
За време на посетата на воената зона, Сигал, кој доби руско државјанство во 2016 година, го обиколи местото на јулскиот напад на затворот Оленивка во кој загинаа најмалку 50 украински воени затвореници.
Телевизискиот водител Владимир Соловјов рече дека Сигал лично ги испитал доказите – вклучително и делови од американски ракети – кои ја потврдуваат поврзаноста на Киев со масовното убивање на сопствените војници. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за нападот на затворот Оленивка: Украина ја обвинува Русија дека го гранатирала затворот за да ги прикрие тортурата и егзекуциите на украинските воени затвореници, од кои многумина се предале по одбраната на Мариупол.
Во инсерт од документарниот филм, кој Соловјов го објави на социјалните мрежи преку неговиот профил на Телеграм, Сигал го обвини претседателот на Украина за „злосторство против човештвото“.
„Се наоѓаме во Олениква, токму на местото каде што удри ракетата ХИМАРС, во која загинаа педесет луѓе, а седумдесет беа ранети. Интересно е што еден од нацистите кои загинаа, започнал да зборува многу за Зеленски, за тоа како Зеленски наредил тортура и други ѕверства кои не само што ја прекршуваат Женевската конвенција за војна, туку и претставуваат злосторство против човештвото. Така, Зеленски беше вклучен во злосторства против човештвото. Затоа треба да се запрашаме зошто тој нацист е убиен во гранатирањето на ова место“, изјави Сигал пред камерите.
Сигал се сретна и со украинските воени затвореници, вклучително и војници од баталјонот Азов кои се предадоа во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, рече Соловјов.
Истиот ден, официјална руска делегација предводена од пратеникот во Државната дума Леонид Слуцки, исто така, го посети местото на нападот во Оленивка. За време на посетата, Слуцки беше придружуван од „странски новинари и меѓународни експерти“ на кои им беше дадена можност „да разговараат со сведоци, вклучително и преживеани од ракетниот напад“.