Поништен е тендерот за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на автопатите што ќе ги гради на Коридор 8 и Коридор 10-Д американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, откако избраниот понудувач на тендерот во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот. Во тек е рокот за жалби кој трае до 19. месецов, по што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) веднаш ќе започне со нова постапка за објавување нов тендер. Работите ќе доцнат онолку колку што ќе трае постапката за избор на нов надзор, информираа за МИА од ЈПДП.
Од таму го претставуваат целиот тек на постапката и наведуваат дека Јавната набавка за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-Д, беше спроведена согласно со Законот за јавни набавки, за што беше објавен тендер, по што следуваше евалуација и избор на најповолна понуда. На 28.12.2021 година, потсетуваат, беше објавен оглас на електронскиот систем за јавни набавки со краен рок на поднесување понуди до 23.3.2022 година во 11 часот, по што Комисијата за јавни набавки одржа јавно отворање на понудите на кое е утврдено дека се поднесени две понуди. По завршувањето на евалуацијата, Комисијата за јавна набавка изготви Извештај од спроведената постапка при што е утврдено дека има една прифатлива понуда и даден е предлог за избор на најповолна понуда каде е наведена понудата на (ЈВ) Понуда од 23.03.2022 година од INSTITUT IGH d.d. акционерско друштво за истражување и развој во градежништво Загреб, ул. Јанка Ракуше бр.1 Загреб со ЕМБС: 3750272 како лидер на група на понудувачи здружен со Друштво за проектирање, надзор и инжинеринг ИНСТИТУТ ЗА ПАТИШТА ДОО Велес, Ул. Населено место без уличен систем бр.1 Долно Оризари Велес со ЕМБС 7483503, што резултираше со Одлука за избор на најповолна понуда заверена под бр.02-423/43 од 17.05.2022 година.
Како што дополнуваат, во моментов тече рокот на жалба кој е до 19.8.2022 година, по што Јавното претпријатие за државни патишта веднаш ќе започне со нова постапка за објавување на нов тендер, што значи дека работите ќе доцнат онолку колку што ќе трае оваа процедура, односно колку што ќе трае постапката за избор на нов надзор.
По објавата на тендерот за избор на Надзор и правен трансакциски консултант што ќе ги води преговорите со американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“ заедно со формираниот Комитет за преговори, првичниот старт на градежните работи беше најавен за крајот на првата половина од годинава, а по втората седница на Комитетот на крајот на јуни од Владата објавија информација за старт на работи за овој или наредниот месец.
За изградба на трите нови автопати, Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).