Иран во понеделникот „категорично“ отфрли каква било поврзаност со нападот на Салман Ружди, британскиот писател и автор на „Сатански стихови“, кој беше избоден повеќе пати на конференција во САД во петокот.
Семејството на Ружди во неделата соопшти дека е „големо олеснување“ што британскиот писател бил тргнат од респиратор, додавајќи дека тој сè уште е во „критична состојба“, но веќе можел да каже неколку зборови.
Британецот со индиско потекло, чиј роман „Сатански стихови“ привлече смртни закани од Иран во 1980-тите, требаше да одржи предавање во петокот во државата Њујорк кога беше избоден неколку пати во вратот и стомакот. Неговиот напаѓач беше уапсен и се изјасни за невин.
„Категорично негираме каква било поврзаност меѓу агресорот и Иран и никој нема право да ја обвинува Исламската Република Иран“, рече Насер Канани, портпарол на министерството за надворешни работи, во првата официјална реакција на Техеран за нападот врз Ружди.
Во 1989 година во Иран беше издадена фатва, односно повик до сите муслимани да го убијат Ружди и сите поврзани со објавувањето на „Сатански стихови“.
Во 1998 година, иранската влада ја укина фатвата, па Ружди живееше релативно мирно во последните години.