ВМРО-ДПМНЕ: Уставни измени веднаш во Собрание или оставка и избори

од Vladimir Zorba
130 прегледи

„Константните притисоци од власта на Ковачевски кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да поминат. Јасно му е тоа и на Ковачевски, па затоа на секаков начин се обидува да се задржи на премиерската фотелја што може подолго“, соопштуваат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

„За да престанат притисоците од страна на власта кон пратениците, СДСМ и Ковачевски имаат избор и понуда од страна на претседателот Христијан Мицкоски.

Доколку Ковачевски и СДСМ се сигурни дека имаат 80 пратеници, веднаш по враќање на пратениците во Собранието да ги стават уставните измени на дневен ред на првата собраниска седница.

Но, ако на таа седница не поминат уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот, наредниот ден, да се распушти Собранието и да се оди на предвремени парламентарни избори.

Ако од власта се сигурни дека она што го прават е исправно еве им избор, или слугување на Бугарија и промена на Уставот или предвремени избори.

Ова е чесна и фер понуда. На потег е Ковачевски“, додаваат оттаму.