Познатиот поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, Гери Невил е крајно разочаран од она што се случува во неговиот сакан клуб. Тимот од „Олд Трафорд“ ја започна сезоната во Премиер лигата со два порази и одигра многу слабо. Поранешниот англиски репрезентативец верува дека севкупната трансфер стратегија во клубот тргнала наопаку по заминувањето на Алекс Фергусон во 2013 година.
„Манчестер Јунајтед стана гробишта за фудбалери“, изјави Невил во студиото „Скај Спортс“.
„Тимот ризикува да ја заврши оваа сезона во втората половина на табелата доколку не ги реши главните проблеми“, смета тој.
Еден од случаите е поврзан со нападот и Кристијано Роналдо.
„Проблемот во Јунајтед сега е што ако го загубат CR7, нема да им преостанува ништо во однос на стрелец. И навистина мислам дека ако не привлечат нови играчи, или ако потпишат со слаби и во исто време си замине Роналдо, тогаш тимот ќе заврши назад во поредокот. Ова е тим за втората половина на табелата“, се грижи Невил, кој целата своја кариера ја мина во Јунајтед.
„Еден од проблемите на Манчестер Јунајтед во изминатата деценија беше промената на тренерите и развојните стратегии, како и на менаџерите кои добија право да водат трансфер политика“, продолжи Гери Невил. „Само 4-5% од играчите земени во овој период се покажаа како добри засилувања. 75% станаа неуспешни, а другите 20% не се ниту едното ниту другото“.
„Од гледна точка на дојдовните трансфери, тоа е еден вид хорор. Обично самите играчи беа обвинувани. Бев многу возбуден што купивме некои од нив – особено минатата година со Варан, Санчо и Роналдо. Кога го добивме Анхел Ди Марија, сите рековме „леле“. Но, тогаш клубот се покажа како гробишта за такви играчи“, заклучи тој.