Напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњез сигурно ќе го памети своето деби на „Енфилд“ во Премиер лигата, но не на добар начин.
Во синоќешното реми 1-1 со Кристал Палас, новото засилување на тимот од Мерсисајд си заработи директен црвен картон во 57. минута кога неговиот тим заостануваше со 0-1. По серијата провокации меѓу двајцата за време на натпреварот, Нуњез не издржа и со глава го удри противничкиот дефанзивец Јоаким Андерсен, што резултираше со исклучување. Така, тој стана само вториот играч на Ливерпул кој беше исклучен на домашното деби во Премиер лигата по играчот од средниот ред Џо Кол, кој го стори истото против Арсенал повторно на 15 август, но во 2010 година.
Репрезентативецот на Уругвај е исто така првиот играч на „црвените“ кој е целосно исклучен на натпревар од шампионатот на „Енфилд“ по црвениот картон на Алисон против Брајтон во ноември 2019 година.
Нуњез немаше добра игра ниту во однос на ефикасноста, откако во тие 57 минути на теренот упати вкупно шест удари, но ниту еден не беше кон голот. Два од ударите дури влегоа во колоната „пропуштени големи можности“.
Сепак, неговиот соиграч Вирџил ван Дијк е убеден дека напаѓачот ќе научи од овој инцидент.
„Тој ќе научи од ова и тој е кул човек. Се разбира, тој не сакаше да се случи вака и мора да се погрижи тоа да не се повтори. Мислам дека се ќе биде добро. Не сум загрижен за тоа. Дефинитивно е разочаран“, прокоментира дефанзивецот по мечот.