Фудбалерите на Манчестер Јунајтед упатиле барање до газдите да се активираат на трансфер пазарот и да привлечат барем уште неколку квалитетни играчи, тврди „Мирор“. На тимот очигледно му треба итно засилување во барем неколку области. „Црвените ѓаволи“ ужасно ја започнаа сезоната со два порази од Брајтон (1:2) и Брентфорд (0:4) и се на дното на табелата, а тоа е повеќе од показател за состојбата на тимот.
Летото од „Олд Трафорд“ си заминаа пет важни играчи – Пол Погба, Единсон Кавани, Немања Матиќ, Хуан Мата и Џеси Лингард. Сепак, досега клубот привлече само три нови засилувања – Кристијан Ериксен, Лисандро Мартинез и Тајрел Маласија.
Поради оваа причина, неколку клучни играчи, вклучувајќи ги Кристијано Роналдо, Хари Мегваер, Маркус Рашфорд, Лук Шо и Бруно Фернандеш побараа состанок со раководството за да разговараат за изборот на клубот и да се заложат за поквалитетни нови засилувања. Фудбалерите се многу загрижени што во сегашниот состав Манчестер Јунајтед нема шанси да се бори за место во топ 4.
Меѓутоа, проблемот не е неподготвеноста на газдите да привлечат повеќе нови. Клубот активно бара играчи, но привлекувањето на целните играчи се покажува како доста тешка задача од повеќе причини. Некои клубови ги изнудуваат „црвените ѓаволи“ со превисоки цени, други воопшто одбиваат да продаваат, а има и играчи кои не се особено заинтересирани да дојдат на „Олд Трафорд“ во ситуацијата во која се наоѓа клубот.