Критичар на Путин мистериозно почина во САД: Беше меѓу првите кои го поддржаа Навални

од Stefanija Kuzmanovska
275 прегледи

Инвестицискиот банкар во егзил, кој стана жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин откако ја напушти Русија, почина во Вашингтон, потврди полицијата.

Ден Рапопорт (52) бил пронајден пред луксузна станбена зграда во Џорџтаун нешто пред 18 часот, а полицијата добила дојава дека некој скокнал од зградата. Болничарите му укажале помош на Рапопорт на местото на настанот и го однеле во болница, каде подоцна била констатирана смрт, пишува Independent.

Портпаролката на полицијата, Брајана Бурч, рече дека неговата смрт и понатаму е под истрага.

Полицискиот извештај до кој дојде Independent покажа дека Рапопорт во моментот на смртта имал скршен мобилен телефон, очила, возачка дозвола и 2.620 долари во готовина.

Веста за неговата смрт во објава на Телеграм ја откри поранешниот уредник на рускиот магазин „Татлер“. Јунија Пугачева тврдела дека неговото куче било пронајдено во близина на куќата во Вашингтон со проштална белешка и пари.

Меѓутоа, неговата вдовица Алена Рапопорт наводно негираше дека нејзиниот сопруг извршил самоубиство. Таа за рускиот информативен сервис РБЦ изјави дека истрагата за неговата смрт е во тек и дека „немало никаква порака“.

– На наше големо жалење, сопругот и таткото на нашата ќерка повеќе не е со нас – изјави таа за РБЦ.

Г-ѓа Рапопорт, докторка по потекло од Украина, исто така ги негираше тврдењата на Јунија Пугачева дека се разделила од сопругот и дека тој е во Лондон „во друштво на млади девојки“.

Откако ја напушти Русија во 2012 година за да го поддржи Алексеј Навални, Рапопорт купи недвижен имот во Вашингтон. Подоцна го продаде на Иванка Трамп и нејзиниот сопруг кога се преселиле во главниот град на САД за да заземат високи позиции во администрацијата на Доналд Трамп во јануари 2017 година.

По продажбата на имотот, Рапопорт се преселил во Киев и таму ја запознал својата сопруга.

-Ден не евакуираше од Киев и сам се врати таму за да ѝ помогне на мојата земја. Требаше да се сретнеме со него во САД – рекла неговата сопруга.

Бил Браудер, истакнат критичар на Путин, напиша на Твитер дека неговата смрт е многу вознемирувачка вест.

– Тој беше еден од првите финансиери од Москва што ги познавав, а кој јавно го поддржа Алексеј Навални. Почивај во мир Ден – напиша тој на Твитер.

Тој ја напушти Русија во 2012 година, наводно поради неговата поддршка за Навални, кој отслужува деветгодишна затворска казна откако се врати во својата татковина во јануари 2021 година.

Слични содржини