„На сите млади луѓе кои посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки”, рече оскаровецот Ентони Дод Ментл кој вчера на отворањето на 43.издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ја прими наградата за животно дело „Златна камера 300“ од претседателот на државата Стево Пендаровски.
На отворањето се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Се радувам, рече Костадиновска – Стојчевска, кога уметноста е прва вест, како што тоа е вечерва во чест на балканските браќа на светлината. Овој фестивал е најстар во светот посветен на умешноста и љубовта кон кинематографијата.