Бугарија обезбедува финансиска поддршка од 800.000 лева за бугарските заедници во странство. Дополнителните трошоци се веќе вклучени во буџетот на МНР за оваа година, објави тамошното министерство.
Со издвоените 800 илјади лева од буџетот на бугарското министерство за надворешни работи за оваа година, ќе се поддржат проекти на бугарски организации во Албанија, Србија, Косово, Украина, Молдавија, како и граѓани на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, информираа од Министерството, пренесе БНР.бг.
Средствата, како што се посочува, се за спроведување на четиригодишна проектна програма за поддршка на организациите на бугарските заедници во шесте земји.
„Програмата трае до 2024 година и ќе финансира проекти од различни области во чија основа е зачувување на бугарската култура и самосвест, нивно популаризирање во странство, како и грижа за локалното културно и историско наследство, поддршка на бугарскиот јазик во странство и емитување медиумски материјали на бугарски јазик“, изјави заменик министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев.
„Нашите организации во странство, кои сакаат да ги користат финансиите, треба да аплицираат со своите проекти, овие проекти се испраќаат во Софија преку нашите дипломатски претставништва, постои специјално создадена комисија која ги разгледува многу темелно, а има најмалку 20 критериуми на кои треба да се одговори. По одобрувањето дел од парите се префрлаат за да може самиот проект да започне.По завршувањето на проектот предметната комисија повторно детално го разгледува, а откако ќе се одобри проектот остатокот од парите се исплаќаат“, објасни Костадин Којабашев.