Украинскиот боксер Александар Усик со нова победа над Ентони Џошуа ги одбрани титулите на светскиот шампион во тешка категорија во верзиите ВБА, ИБФ и ВБО. Усик повторно го совлада Британецот со судиска одлука, овојпат не беше едногласна, но потврди дека во овој момент е далеку подобар од својот ривал.
35 годишниот боксер во Џеда го повтори она што го направи во септември 2021 година, само што сега триумфираше со поделена одлука на судиите.
Еден судија досуди 115-113 за Усик, друг 116-112 за Украинецот, а третиот, помалку изненадувачки, 115-113 за Џошуа.
По објавувањето на резултатите, Александар многу емотивно реагираше на изговорот на неговото име, но без разлика на поделената одлука, ситуацијата во рингот не беше толку неизвесна.
Усик уште еднаш покажа дека е подобар боксер од Џошуа, кој третпат беше поразен во последните пет меча. Британецот за кој многумина предвидуваа дека може да ја достигне славата на најголемите боксери на сите времиња, го претрпе третиот пораз во кариерата, а има и 24 победи.
Украинецот се уште е неприкосновен со 20 победи од исто толку натпревари, од кои 13 со нокаут.
Што се однесува до самата борба, вториот дел беше многу поинтересен. Дури во деветтата и десеттата рунда имаше вистинска офанзивна пресметка – првата му припадна на Џошуа, втората на Усик, за борецот од Симферопол подобро го приведе мечот до крај.
По победата изјави дека во следниот меч сака да се бори со Тајсон Фјури, кој веќе најави повлекување.
Фјури ја заврши кариерата како најдобар боксер во тешка категорија, но не би било чудно доколку повторно се врати во рингот.
Доколку се одржи нивната борба, победникот би станал првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија во овој век. Последен што го направи тоа беше Ленокс Луис.
Во случај дуелот да не биде организиран, Усик изјави дека повеќе нема да боксува.