Употребата на диазепами, седативи и антидепресиви меѓу македонските граѓани секојдневно расте. Лековите се потреба во време на криза, но не и да бидат единственото решение, велат стручните лица.
Статистички податоци говорат дека македонските граѓани купуваат и до 9 илјади кутии диазепам дневно и тоа го прави еден од лековите за смирување на врвот на листата на најкористени лекови во Македонија.
-Кога индивидуата се соочува со одредена потешкотија или е соочена со одредени животни премрежја, го бара за жал најлесниот начин за надминување на истото. А што е полесно од една ,,волшебна“, таблета која за час ќе ни олесни и ќе не смири? Но, замката е во тоа што доколку таа таблета се зема на ,,своја рака,, без консултација со доктор кој ќе одреди во која количина да се зема, на кој временски интервал и за кој период, тогаш често пати се случува да настане зависност, вели во разговор за „Локално“, м-р. Моника Филиповска, психолог и семеен советник.
Според неа начинот за справување со потешкотиите во овие стресни времиња, а притоа како што вели да не се посегне по апче е психотерапија.
-Тоа е процес на негување на душата преку интроспективна самосвест и длабока поврзаност со себе и другите, подлабоко разбирање на феномените на животот и откривање на смислата на животот, подвелкува Филиповска.
Економска криза, војна, ковид-пандемија во овие стресни времиња на кој начин може да се справат луѓето притоа да не посегнат по апче за смирување?
-Живееме во многу динамичен свет, полн со секојдневни предизвици и искушенија во сите сфери од живеењето. Секој еден од нас се бори со нешто секојдневно. Но треба да се запрашаме, дали повеќе ќе ни помогне работа на себе на долг рок или седатив со краткотрајно дејство. А, што кога ќе помине дејството на лекот?Повторно сме во реалноста заедно со проблемот и истата потешкотија. Доколку посегнеме по апче за смирување, не го решаваме проблемот, туку само ги маскираме симптомите, а тоа е како замоткување на клопче од волница. Колку подолго ја моткаме, топката станува се поголема и потешка. Земањето лекови за смирување на ,,своја рака,“ без претходна консултација и третман со стручно лица, може само дополнително да ги комлицира работите. Па така, начинот за справување со потешкотиите во овие стресни времиња, а притоа да не се посегне по апче како што велите е психотерапија. Тоа е процес на негување на душата преку интроспективна самосвест и длабока поврзаност со себе и другите, подлабоко разбирање на феномените на животот и откривање на смислата на животот. Секој човек е повикан на овој процес на негување на душата на свој начин, а тој не може да се замени со земање лекови.
Дел од специјалистите по семејна медицина велат дека мора да им се помогне на луѓето (давајќи им одреден седатив за да ги издржат некои стресни ситуации) надминување на животните премрежја. Се согласувате ли со овој став?
-Недоволната информираност, постојаниот страв и стигма од посета на психијатар или психолог, доведуваат до состојба во која денес се наоѓа нашето општество. Кога индивидуата се соочува со одредена потешкотија или е соочена со одредени животни премрежја како што велите, го бара за жал најлесниот начин за надминување на истото. А што е полесно од една ,,волшебна“ таблета која за час ќе ни олесни и ќе не смири? Но, замката е во тоа што доколку таа таблета се зема на ,,своја рака,“ без консултација со доктор кој ќе одреди во која количина да се зема, на кој временски интервал и за кој период, тогаш често пати се случува да настане зависност. Како што велите, мора да им се помогне на луѓето, но тоа треба да го процени стручен кадар. Но исто така, мора и сериозно да ја сфатиме медикаментзната терапија односно последиците кои може да настанат од нејзино неконтролирано конзумирање. Статистички податоци говорат дека македонските граѓани купуваат и до 9 илјади кутии диазепам дневно и тоа го прави еден од лековите за смирување на врвот на листата на најкористени лекови во Македонија.
Дали во вакви ситуации може е подобро да се препорача разговор со психолог, психијатар?
-Како психолог и семеен советник, не сакам да ја фаворизирам психотерапијата пред психијатријата, во голем број случаеви медикаментозната терапија е неизбежна, со акцент на тоа да е препишаана од доктор. Важно е да се знае дека процесот на психотерапија ниту подразбира ниту исклучува употреба на психоактивни лекови. Психотерапијата најчесто се одвива без употреба на лекови, но можно е да има потреба и од медицинска поддршка. Одлуката дали да се поддржи психотерапевтскиот процес со лекови ја носат клиентот и терапевтот заедно, по договор, врз основа на проценка на состојбата на клиентот и тешкотиите со кои се соочува. Ако клиентот е во тешка состојба, ако е значително депресивен, ако е склон кон самоубиство или други животно загрижувачки ситуации, ако покажува психотични симптоми (мешање на реалноста и фантазијата, слуша гласови…) во тој случај, не е етички одговорно да се воведе во процесот на психотерапија без поддршка од лекови. Употребата на лекови во такви ситуации го намалува страдањето на клиентот и ја зголемува неговата безбедност, а со тоа добива време и создава услови психотерапевтскиот процес да се развие и да даде резултати. Оттука, одлуката за вклучување на лекови се заснова на проценка на најдобриот интерес на клиентот во дадената ситуација. Оваа одлука секогаш мора да ја донесе психијатар, а не психолог. Психотерапијата е долготраен процес, во зависност од индивидуата и потешкотијата со која се соочува, а луѓето сакаат промена овде и сега, што е можно побрзо, без притоа да сфатат дека таа брза промена кратко ќе трае. Во насока на ова, најчесто луѓето сметаат дека побрзо односно поефикасно е земање на некој лек за смирување од кој ,,магично,“ ќе им се подобри состојбата. Од друга страна, психијатриските пациенти имаат потреба од психотерапија, бидејќи така се зголемуваат шансите за закрепнување, а се намалуваат шансите за релапс (враќање на болеста), а животот станува се подобар и подобар. Третманот само со лекови може да биде препорачлив само на почетокот во многу тешки ментални состојби каде психотерапијата едноставно не е можна. Трајното лекување само со лекови (што за жал се уште е вообичаено кај нас) се смета за застарено и најчесто се поврзува со најсиромашните општествени слоеви кои не можат да си дозволат психотерапија.
Создаваат ли зависност овие апчиња и колку тие воопшто помагаат доколку се користат често?
-Медикаментозната терапија помага само во случаите кога е препишана и со доза определена од доктор. Се она што се зема на своја рака е опасно односно може да доведе до зависност. Најчесто злоупотребувани лекови кои се земаат неконтролирано (,,само по потреба,, и на своја рака), се лековите против болки, лекови за смирување или пак лекови за спиење. Оттука, доколку индивидуата се соочува со различни видови болка во организмот, вознемиреност, напнатост, несоница и слично, а истовремено користи лекови за кои нема претходна консултација со доктор, може да се јави психичка зависност. Најчесто се развива цел спектар на симптоми на зависност како на пример, и покрај сознанието за штетните последици од земањето на лекот тој сепак се користи, неодоллива желба за земање на истиот, зголемување на дозата со цел да се постигне првичниот ефект и слично. Покрај психичката зависност, често се случува овие лекови да предизвикаат и штетни дејства и несакани ефекти од нивно неконтролирано конзумирање како на пример, проблеми со желудникот, бубрези, црн дроб и слично.
На кој начин може да се развива свесноста, за активно одржување на менталното здравје?
-Менталното здравје подразбира физичка, ментална и социјална благосостојба на поединецот, а не само отсуство на болест или премореност. Но тоа не значи дека ние треба да сме баш секогаш среќни и расположени. Секој од нас се соочува со одредена потешкотија во даден момент од живеењето, стрес, загуба, загриженост, проблеми од различен карактер, па следствено доаѓа тага, лутина, страв, немоќ…..Доброто ментално здравје ќе ни овозможи полесно пребродување на овие потешкотии користејќи ги наштие ресурси, вештини и способности. Важно е да тргнеме од себе, да ги препознаваме и изразуваме своите и емоциите на другите, да се има физичка активност, да се поставуваат реални цели, да се поминува квалитетно време со своите блиски, добар сон, развивање на нови вештини и секако секој оној кој ќе почувствува потреба или ќе му е потребна поддршка во одреден момент од живеењето, да се обрати кај стручно лице психолог или психијатар. Овде од големо значење би ја споменала и застапеноста на тема ментално здравје во медиумите, а се со цел кршење на стигмата која сеуште не следи.
Б.М.