Османи испратил формална ургенција до Милошоски: Во најкраток рок да закаже седница за идните амбасадори

од Берта Китинска
139 прегледи

Незакажувањето на седницата на Комисијата за надворешни работи при Собранието на Република Северна Македонија, претставува флагрантна, можам да кажам дрска злоупотреба и на деловникот за работа на Комисијата и воопшто на Учеството на Собранието како посебно тело во надворешната политика, пишува на својот Фејсбук профил Министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Претставувањето на Кандидатите за амбасадори пред Собранието има посебна политичка и општествена улога во целиот процес на испраќање амбасадори во странство. Тоа е последниот чекор на еден долг процес во кој не само народните избраници, туку и граѓаните имаат можност директно да ги видат и слушнат идните нивни претставници во странство не само како ги образложуваат тезите, туку и како одговараат на сите поставени прашања.

Одложувањето на овој процес, особено своеволно, непотребно, и без пристојно образложение, претставува длабок политички хендикеп за надворешната политика и за остварувањето на стратешките цели на земјава. Но воедно, тоа создава и дополнителни предизвици за самите кандидати: проблеми за нивните семејства за нивното навремено преселување и сместување во земјата на прием; создава проблеми за образованието на нивните деца кои не можат навремено да се запишат во училиште; создава проблеми во организацијата на работата на самите дипломатски претставништва кои ја имаат организирано својата работа очекувајќи ги новите амбасадори да ги заземат своите позиции.

Затоа денес уште еднаш упатив и формална ургенција до претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, веднаш да престане ова бојкотирање на надворешната политика и стратешкиот интерес на земјата, и во најкраток можен рок да биде закажана седницата за одбрана на тезите на идните амбасадори, пишува Османи.