„Школската година едвај заврши во август, ако за крај на година се смета церемонијата за доделување на свидетелствата, уписите во средно се одвиваа скандалозно, наместо свидетелства се приложуваа слики од Е-дневникот, и сега годината може да доцни со почеток затоа што нема главни книги за училиштата!“, вели Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, во ист работен ден, училиштата добија известување од Бирото за развој на образованието дека треба да ги подигнат главните книги за учебната 2022/2023 година, за потоа доцна попладне повторно да се известуваат да не бараат Главни книги, бидејќи има грешки во печатењето и поради тоа главните книги ќе треба да се препечатат.
За печатењето, почитувани, повторно е фирмата Арберија, спонзорот на ДУИ!
Грешката во Главните книги е испревртени страници без никаков редослед на описно и бројчано оценување, без редослед на реден број на учениците, со еден збор целосен хаос.
Според договорот од први август годинава, Арберија Дизајн од Тетово, омилената печатница на ДУИ/СДСМ се обврзува дека педагошката документација и евиденција ќе испорача за 5 дена по нарачката од Бирото за образование.
Бирото како нарачател се обврзува да направи претходна контрола на техничката подготовка за печатење, квалитетот на печатените материјали и писмено одобрение за дистрибуција“, додава таа.