„Вработувањето на синот фрла сомнеж дека политиката замешала прсти“: ДКСК отвори предмет за Рамчиловиќ

од Vladimir Zorba
438 прегледи

Пратеникот од редовите на владејачката СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ, пред неколку дена на својот Фејсбук профил објави дека неговиот син е еден од новопримените 590 полициски службеници во МВР.

Откако Рамчиловиќ, еден од осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кој гласаше за уставни промени и подоцна на вонреден извршен комитет веднаш беше исклучен од партијата, ја објави веста за вработувањето на синот, опозициската партија побара ДКСК да отвори случај по допрен глас.

Од Антикорупциска во изјава за „Локално“, информираат дека вработувањето на синот на Рамчиловиќ во МВР „фрла сомнеж дека политиката замешала прсти при вработувањата“

-Во однос на наводите дека и синот на пратеникот Зеќир Рамќиловиќ се вработил во Министерството за внатрешни работи, што, како што се наведува, фрла сомнеж дека политиката замешала прсти при вработувањата, ДКСК отвори предмет по сопствена иницијатива, со цел прибирање на податоци, информации и документација во насока на утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, велат од ДКСК.

Оттаму појаснуваат дека ДКСК има постапувано по предмет оформен по сопствена иницијатива во однос на вработувањето на Мерсида Рамчиловиќ, сопруга на Зеќир Рамчиловиќ.

-По однос на вработувањето на Мерсида Рамчиловиќ, сопруга на Зеќир Рамчиловиќ, во Министерството за внатрешни работи, ДКСК има постапувано по предмет оформен по сопствена иницијатива. По однос на наведениот предмет ДКСК на својата 23-та седница одржана на 01.11.2019 година има донесено одлука и истата е објавена на ВЕБ страницата на ДКСК, велат од Антикорупциска.

„Рамчиловиќ си ги вработи сопругата и синот во МВР“

Вработувањето на сопругата и синот на Рамчиловиќ во МВР, покажува дека институциите се користат за вдомување на послушните. Откако Рамчиловиќ стана пратеник од СДСМ тој ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а сега го вработи и синот како полицаец, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија наведуваат дека Рамчиловиќ треба да им објасни на сите граѓани, како тој успеал да вработи два члена на неговото семејство додека е пратеник од СДСМ во МВР.

-Рамчиловиќ да не се вади на бошњачката припадност, зошто има стотици бошњаци кои не можат да дојдат до работа од таквите како него, кои ја злоупотребуваат политиката.Вработувањето на сопругата, а потоа и на синот во МВР фрла сомнеж дека политиката замешала прсти при вработување. Оттука многу е важно ДКСК да го испита целиот случај, истакнуваат оттаму.

Б.М.

Слични содржини