„ВМРО-ДПМНЕ цела недела не може да се соземе од изборниот дебакл што им се случи на вонредните парламентарни избори и шамарот којшто го добија од граѓаните“, реагираат од СДСМ на пресот на Наум Стоилковски.
„Во двете општини каде што имаше избор за градоначалници победи СДСМ и коалицијата а во третата соодносот на советници остана ист, со драстичен пад на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Нека не ги фаќа страв и паника ВМРО-ДПМНЕ од Ковачевски и Зечевиќ.
Да имаа добри политики наместо блокади, да беа вредни наместо по одмори, да беа присутни на теренот, да ги почитуваа граѓаните и да работеа за граѓаните можеби ќе имаа подобар резултат.
Хаосот кој владее во ВМРО – ДПМНЕ се прелеа и на теренот. Затоа и не истакнаа кандидат во Центар Жупа а во Маврово Ростуше на цедило го оставија својот кандидат, член на Извршниот комитет на партијата.
Вината за изборниот пораз и пораката којашто им ја испорачаа граѓаните треба да си ја бараат во сопствените редови.
Мицкоски и ВМР0-ДПМНЕ или ќе ги променат своите погрешни, деструктивни политики, или нека му ја мислат за парламентарните избори во 2024 година кога ќе им се случи уште еден изборен пораз“, се додава во реакцијата.
„Во услови на длабока сиромаштија, кризи и несигурност Ковачевски и Зечевиќ со крајно потценување се расфрлаат со пари буквално фрлајќи му во уста на сиромашниот народ. Ковачевски и Зечевиќ се обидуваат со пари да ја надоместат поддршката од народот, свесни дека ја немаат, дека Македонија е се подлабоко во кризи, а виновници се токму СДСМ“, соопшти претходно портпаролот на опозициската партија, во контекст на ставањето пари на свирачи по победата на СДСМ на изборите во Маврово и Центар Жупа.
„Однесувањето на Ковачевски и Зечевиќ покажува целосно лицемерие и одлепеност од реалноста. СДСМ и ДУИ знаат дека им се случува дебакл. Македонија е во длабока криза, најсиромашна држава во регионот и Европа, а власта нема решение и најавува нови поскапувања, нова подлабока сиромаштија. Но наместо грижа за состојбата, СДСМ покажува целосно понижување кон граѓаните“, посочи тој.