„Откако сум именуван за советник во владата Април/2015 година, до моето разрешување како генерален директор на ЕЛЕМ во Август/2017 година, струјата за граѓаните поевтинува од 4,47 ден/kwh на 4,45 ден/kwh или околу 0,5%“, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на обвинувањата од страна на СДСМ дека ја зголемил цената на струјата за 100 отсто кога бил директор.
„Колкава е цената на струјата која ја плаќаат денес граѓаните и стопанството?
Заклучно со Јуни/2022 година граѓаните плаќаа 5,87 ден/kwh или за околу 32% поскапа струја од времето кога јас бев разрешен од местото генерален директор на ЕЛЕМ, после последното поскапување од 1ви јули оваа година, граѓаните плаќаат за повеќе од 50% поскапа струја, а стопанството, поточно компаниите за 400% поскапа струја.
Какви се финансиските резултати на компанијата ЕЛЕМ денешно ЕСМ?
ЕЛЕМ го оставив со полна каса, цели 30 милиони евра, поточно 25 милиони евра депозити, 5 милиони евра пари на сметка и нула долгови. Во 2020 година ЕЛЕМ денешно ЕСМ бележи загуба од 16,7 милиони евра, а загубата во 2021 година достигнува фантастични 28 милиони евра.
Недомаќинското работење, криминалот и незнаењето се главните причини зошто граѓаните плаќаат за повеќе од 50 %, а компаниите за 400% поскапа струја“, вели Мицкоски.