Ковачевски: Достојно признание и почит за тешката работа на рударите

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Пробиштип учествуваше и се обрати на манифестација по повод одбележувањето на Денот на рударите – 28 август.

На свеченоста на која беа доделени благодарници за најдобри рудари и бригади, беа присутни околу 800 рудари и раководствата од „Злетово” и „Тораница”, министри и градоначалниците на Пробиштип и Крива Паланка.

„Успесите кои ги бележи рударскиот сектор години наназад се резултат на личните заложби на секој еден од вас, на макотрпната работа на рударите, инженерите, менаџерите, стручните кадри кои со вашето посветено работење придонесувате во неговото унапредување, а со тоа и на развојот на државата.

Тоа се гледа и во постигнатите резултати. Рударството е еден од најважните сектори и придвижувач на нашата економија дури и во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во поновата историја. Со повеќе од 10% во вкупното индустриско производство на државата вашиот сектор е клучен за нашиот напредок. Во Република Северна Македонија имаме над 100 активни рудници кои заедно со своите придружни дејности вработуваат околу 10.000 луѓе. Убеден сум дека и понатаму овие рудници ќе продолжат со својата активна работа, со отворање нови работни места и со одржување на високите стандарди на условите и безбедност при работа за своите вработени и заштитата на околината.

Еден од овие рудници е и рудникот Злетово овде во Пробиштип, кој со амбициозна стратегија и план од стечај за краток временски период, успеа да се врати во кондиција и да го рестартира производството. Компанијата ,,Булмак 2016″, која управува со рудникот Злетово, но и со рудникот Тораница дури и во време на криза и пандемијата е меѓу првите 30 компании во земјата според успешноста. Во целиот овој период во овие два рудника вработени се околу 800 лица, зголемено е производството и зголемени се платите на вработените во однос на претходните години.

Секако дека во целиот овој процес на успешно работење свој придонес има и Владата, затоа што развојот на компаниите, но и инвестирањето во човечки капитал, како непроценлив работен потенцијал значи одржлив развој на општините и забрзан економски раст на земјата.

Исправивме една огромна неправда за рударите која се провлекуваше со години наназад. Со законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Владата ги направи во 2018 година го исполнивме долгогодишното барање на рударите. Сега во пензија заминуваат со навршување на 40 години стаж за мажи, односно 35 години стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рударите се пензионирале на 58 годишна возраст, по ново во пензија заминуваат на 50 годишна возраст, а во периодот од 2018 до денес ова право го оствариле 105 рудари.

Обезбедивме и континуиран раст на платите. Преку системски решенија за зголемување на платите и во услови на најголема криза растат и минималната и просечната плата, која за месец јуни изнесува 31.869 денари. Во ова зголемување на просечната плата со 4,3% учествува и секторот рударство и вадење на камен.

Обезбедувањето на подобар стандард и услови за работа останува наш врвен приоритет. Грижата за работниците и граѓаните е наша основна цел, на која продолжуваме да работиме“, кажа Ковачевски во својот говор.