Летната школа на МСМЈЛК ги обедини институциите во афирмирањето на македонистиката на странските универзитети

од Vladimir Zorba
216 прегледи

Јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, којашто се одржува во Охрид со најголем број учесници изминативе години, ги обедини институциите во заложбите за афирмација на македонистиката во светот. За семинаритите се овозможија публикации и други едукативни материјали од македонски научни и образовни институции, за првпат финансика поддршка овозможи и Министерството за образование и наука, а со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании. Во рамките на програмата на Школата, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат се вклучуваат во програмските активности на МСМЈЛК при УКИМ. Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Свои значајни, најнови публикации, за семинаристите овозможија и Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Семинаристите од 17 држави од светот искажаа голем интерес и овие публикации веќе ги користат во продлабочувањето на знаењата од областа на македонистиката, но и во нив препознаваат поттик за свои натамошни македонистички истражувања. Голем дел од публикациите, семинаристите ќе понесат во своите држави, ќе ги стават на располагање на тамошната научна јавност и ќе ги презентираат пред своите колеги, афирмирајќи ги македонската научна мисла и македонскиот збор низ светот.

Како резултат на вопоставената соработка меѓу МСМЈЛК при УКИМ и Народната банка, семинаристите коишто се интересираат и за прашања од културологијата, како сегмент од македонската култура ги осознаваат и приказните за културното наследство претставено на македонските банкноти, по повод 30 години монетарна самостојност на нашата држава. Преку приказните од изложбата „В/редности и вредности” на Музејот на Народната банка и преку публикациите на Народната банка, тие учат и за значајноста на Златната маска од Горна порта и златните обетки со гулабици од Охридско, мермерното торзо на божицата Изида, тетовската Менада, монетите на Јустин II, иконата на Богородица Епискепсис и многу други артефакти од македонско тло. Со ова, соработката со Народната банка, веќе се остварува. Следната академска година ќе се случат и првите претставувања на македонското културно наследство коешто го чува и/или афирмира Народната банка, пред студенти на странски универзитети. Сите семинаристи на Школата се поканети и да ја посетат изложбата „В/редности и вредности”.

Едновремено, радува и вклучувањето на приватниот сектор со поддршка за Школата, што укажува дека важноста на мисијата на МСМЈЛК при УКИМ сè повеќе се препознава во пошироки рамки, и надвор од научните и образовни кругови. Поконкретно, општествено одговорните компании „Тиквеш”, „Алкалоид” и „Кожувчанка”, за сите семинаристи обезбедија свои производи брендирани со логото на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Клучно е што годинава, преку настојувањето со Школата да се опфатат повеќе сегменти од македонската култура, во програмата се вклучија и професори при некои од факултетите при УКИМ, коишто претходно не држеле предавања на школите на МСМЈЛК при УКИМ. Конкретно денес, на Школата, за првпат ќе се одржи предавање за македонската мода, од проф. д-р Лидија Георгиева од Технолошко-металуршкиот факултет.

Неделава, на Школата ќе биде одржано предавање и за интермедијалните проникнувања на современата македонска книжевност со сликарството и музиката, од страна на проф. д-р Владимир Мартиновски, а македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет ќе бидат тема на предавањето коешто ќе го одржи проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска. Школата трае до петок, до кога семинаритите ќе следат и интензивна лекторска настава.

Инаку, Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, а годинава за првпат и со финансика поддршка од Министерството за образование и наука, додека дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани, што укажува на сестраната заложба за остварување на мисијата на МСМЈЛК при УКИМ.

Слични содржини