Гасот поевтин, но веројатно само привремено

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Природниот гас во Европа во понеделникот падна за 16 отсто, најмногу од април, откако Германија соопшти дека нејзините складишта се полнат побрзо од планираното. Цената на референтните холандски фјучерси падна по минатонеделното зголемување на цената од околу 40 отсто.

Германија ќе ја исполни целта за складирање гас во октомври во септември, изјави во неделата министерот за економија Роберт Хабек. Тој изјави дека магацинот ќе биде исполнет со капацитет од 85 отсто следниот месец, пренесe Ројтерс.

Владата постави цел до 1 септември да ги наполни магацините до 75 отсто, но таа веќе надмина 82 отсто, покажуваат податоците од индустријата од групата европски оператори GIE. Германија моментално е во втората фаза од трифазен план за итни случаи формулиран по намалувањето на протокот на гас од Русија.

Природниот гас од Русија учествуваше со 55 отсто од минатогодишната потрошувачка на гас во Германија, додека според податоците на германската компанија за електрична енергија BDEV, рускиот гас претставува само 9,5 отсто од вкупната потрошувачка во август, пишува неделникот Spiegel.

Сепак, состојбата со снабдувањето со гас во Европа останува неизвесна и нема индиции како ќе заврши најголемата енергетска криза во последните неколку децении. Дополнителна неизвесност претставува најавениот тридневен ремонт на гасоводот „Северен тек 1“ кој почнува во среда. Пазарот стравува дека гасоводот, кој е клучен за снабдување на Европа, може да биде запрен долгорочно, па дури и трајно.

По ремонтот минатиот месец, гасоводот продолжи да работи навреме, но со само 20 отсто капацитет, што го поттикна поскапувањето на гасот. Без оглед на моменталното намалување на цената, намалените испораки од Русија, прекините на снабдувањето во Норвешка (поради редовно одржување), како и зголемената конкуренција за снабдување со течен природен гас, се клучните фактори кои го поддржуваат нагорниот тренд на цените, пренесе „Блумберг“.

Во исто време, беше забележано дека Русија гори големи количини гас во близина на границата со Финска, каде што се наоѓа станицата „Портоваја“, клучна точка за испораки преку „Северен тек 1“. Потпирајќи се на податоците на компанијата „Ристад енерџи“, аналитичарите наведуваат дека Русија согорува гас во вредност од 10 милиони долари дневно или околу 4,34 милиони кубни метри гас.

„Ристад енерџи“ предупредува дека палењето на гас е „еколошка катастрофа“, бидејќи во атмосферата секојдневно се испуштаат околу 9.000 тони јаглерод диоксид. Толку е количината на емисии произведени од 1.100 просечни американски домаќинства за една година, пренесе Си-Ен-Ен.

Аналитичарите велат дека горењето можеби е дел од рутинска процедура за одржување на системот, но може да биде и порака до Европа, бидејќи пламените јазици се видливи на територијата на Финска. Бидејќи количината на изгорениот гас и времетраењето на согорувањето се невообичаено големи, се верува дека сепак е порака. Руските аналитичари наведуваат дека „Газпром“ нема да претрпи значителни финансиски загуби доколку целосно ја прекине испораката на гас во Европа на една година, додека некои западни политичари наведуваат дека Русите горат гас затоа што немаат на кој да го продаваат.

Слични содржини