Невреме како вчерашното еднаш во две до пет години, велат од УХМР

од Nikola Popovski
173 прегледи

Невреме како што се беше вчера во Скопје може да се случи еднаш во две до пет години, покажуваат историските мерења и статистички истражувања на интензивните врнежи со кусо траење, изработени во Управа за хидрометеоролошки работи.

Од УХМР истакнуваат дека вчера во Скопската Котлина беа регистрирани значително високи количества на врнежи проследени со олуен ветер, грмотевици и локална појава на град и суградица, кои предизвикаа штети и поплави во градското подрачје.

-На автоматските и дождомерните метеоролошки станици во Скопје и околината, кои се дел на метеоролошкиот набљудувачки систем на Управата за хидрометеоролошки работи (Главна метеоролошка станица- Скопје Зајчев Рид, Гази Баба, Карпош, Црешево и дождомерните станици Лисиче и Ѓорче Петров) вкупното количество на измерени врнежи изнесува Гази Баба 35мм Црешево 25мм, Лисиче 20мм, Скопје Зајчев Рид 8мм, Карпош 6мм, Ѓорче Петров 3мм, се наведува во соопштението од УХМР.

Поплавени улици, паркинзи, подруми, паднати дрвја и билборди и луѓе заглавени во автомобили се последиците од невремето што го зафати главниот град.

Полицијата во соработка со други служби ги извлекла заглавените возила. Итната помош соопшти дека има повредени граѓани, но сите останати се со полесни повреди.

Граѓаните на социјалните мрежи објавија видеа на кои се гледа како водата влегува во подрумските простории на Градскиот трговски центар, како и во трговскиот центар „Ист Гејт“ чие приземје беше целосно поплавено.

Освен Скопје, во вторник попладне невреме ги зафати и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.

УХМР соопшти дека нестабилното време со врнежи, грмежи и засилен ветер ќе продолжи до петок, особено попладне.

Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, засилен ветер и услови за појава на град.

Слични содржини