Северна Македонија ќе биде претставена на „Македонска вечер“ на Меѓународниот саем за вино, храна и туризам во Белград

од Nikola Popovski
190 прегледи

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција, која ја одржаа со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, информираа за точките и заклучоците од вчерашната 75-та седница.

Портпаролите го најавија Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград, од утре, 1-ви септември до недела, 4 септември, кој е дел од иницијативата „Отворен Балкан“ и е под покровителство на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“.

Учеството на Северна Македонија на настанот за нашата економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Истовремено ќе се промовираат туристичките капацитети на земјава и ќе се привлечат нови туристи од регионот и пошироко.

Северна Македонија ќе биде претставена преку 42 винарии и 3 дестилерии , како и 10-тина производители на храна со понуда за дегустација на автентичната македонска кујна.

Дополнително, Северна Македонија ќе биде претставена и на „Македонска вечер“ под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе бидат промовирана македонската економија преку презентација на вина, храна, музика и туризам.

Во политичкиот дел ќе се одржи традиционалниот Самит на лидерите од трите држави на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама, како и панел дискусии.

Ќе биде потпишан Договорот за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан. Од областа на културата, ќе биде потпишан Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан, како и Оперативен план во областа на цивилната заштита.

Слични содржини