РУСИЈА денеска ја предупреди Европската унија за последиците од целосното суспендирање на договорот за визно олеснување меѓу Европската унија и Русија, пишува руската државна агенција РИА Новости.
„Прекршувањето, заобиколувањето или повлекувањето на ЕУ од договорот за визно олеснување нема да останат без последици. Сами ќе одлучиме дали мерките ќе бидат симетрични, асиметрични или нешто што ЕУ воопшто не го очекува“, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Алекандар Грушко.
„Ако Брисел реши повторно да си пука во нога, тогаш тоа е негов избор“, додаде тој.
Одлука за суспензија на договорот за визно олеснување
По дводневната неформална средба во Прага, министрите за надворешни работи на ЕУ денеска постигнаа политички консензус за целосно суспендирање на договорот за визно олеснување меѓу Европската унија и Русија.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека одлуката „значително ќе го намали бројот на нови визи издадени од земјите-членки на ЕУ“, бидејќи процесот ќе стане потежок и ќе трае подолго. Овој потег, предложен од претседателството и поддржан од многу членки на ЕУ, ќе ги поскапи визите на ЕУ за руските патници и ќе го укине рокот за издавање визи.
Полска, Естонија, Летонија и Литванија претходно денеска соопштија дека размислуваат да ги забранат руските патници дури и ако Европската унија како целина не го прави тоа.
Во заедничката изјава добиена од АФП, четирите земји, кои сите граничат со Русија, велат дека суспензијата на договорот за визно олеснување од 2007 година меѓу Европската унија и Русија е само „неопходен прв чекор“.
Естонија забрани влез на Русите
Естонија подоцна во текот на денот објави дека има намера да им забрани на повеќето патници од Русија да влезат во земјата во рок од неколку недели.
„Ако е можно, ќе дејствуваме во договор со нашите регионални партнери. Потребно е малку време, но мислам дека времето е исто така од клучно значење ако го погледнеме огромниот број руски граѓани кои доаѓаат“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу за Ројтерс.