„Вкуси го животот” : 300 македонски ракии и вина сo автентична кујна ќе бидат промовирани во Белград

од Берта Китинска
264 прегледи

Под покровителство на владите на Србија, Северна, Македонија и Албанија од денеска до 4 септември во Белград ќе се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран во рамки на Иницијативата Отворен Балкан.

Саемот ќе биде официјално отворен во 13 часот на Белградскиот саем во Хала 1, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама.

Учество на Саемот најавиле преку 332 учесници од 22 земји од кои 160 се изложувачи од Србија, 26 од Албанија и 47 од Северна Македонија. Покрај од државите-членки на Отворен Балкан, се очекуваат и изложувачи од Хрватска, БиХ, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка,…

На Саемот ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и од источните земји. Вкупно 300 метри квадратни се резервирани за туризмот.

Покрај саемскиот, промотивен дел, на кој посетителите ќе имаат можност да дегустираат храна, врвни вина и да се запознаат со туристичките потенцијали и понуди, предвиден е и политички дел – самит на лидерите на земјите членки на Отворен Балкан. На самитот, кој според Програмата треба да се одржи утре во Палатата Србија, покрај планираните панел дискусии се очекува да бидат потпишани и три документи за соработка во областа на храната, културата и цивилната заштита. На самитот е најавено присуство и на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, како и на министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу. По самитот, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Ковачесвки и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција.

Северна Македонија на Саемот во Белград ќе се претстави под слоганот „Вкуси го животот”, со 42 винарии, три дестилерии и десетина производители на храна. Промовирани ќе бидат македонската автентична кујна и преку 300 различни вина и ракии. Организирана ќе биде и Македонска вечер на која ќе се презентира македонската економија преку вината, храната, музиката и туризмот, чиј домаќин ќе биде премиерот Ковачевски. Гостите ќе може да уживаат во настапот на виртуозот Влатко Стефановски.

-Учеството на овој саем за нашата економија значи обезбеудвање поголем извоз, откуп и нови пазари за македоските храна и вина, промоција на туристичките капацитети и привлекување нови гости од регионот и пошироко, рече премиерот Ковачевски на прес-конференција минатата недела.

Со оглед дека покрај туризмот и храната ќе биде во фокусот како вид традиција, на Саемот ќе има по пет мастер шефови од Северна Македонија, од Србија и од Албанија, како и специјален гостин кој ќе биде изненадување.

Според Програмата, лидерскиот самит ќе почне со пленарен состанок на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министрите за надворешни работи на Србија и на Албанија. Предвидени се и состаноци на лидерите со Инвестициската иницијатива на Отворен Балкан, како и состанок на Групата за менаџирање кризи за храна и енергетика.

За сите три документи што се очекува да бидат потпишани на самиотот – договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан, меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудовизуелните дејности, како и оперативен план во областа на цивилната заштита, Владата на Северна Македонија веќе усвои извештаи за завршени преговори и утврди текстови кои ќе бидат финиширани за време на посетата на македонската делегација во Белград.

Слични содржини