„Балканот е отворен”, порачаа лидерите на Отворен Балкан на Саемот за храна вино и туризам во Белград

од Nikola Popovski
138 прегледи

Република Северна Македонија ја претставува својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата на првиот меѓународен саем во Белград организиран во рамките на Отворен Балкан. Саемот денеска беше отворен со официјални обраќања од лидерите на Западен Балкан- премиерите на Република Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама и Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

По обраќањата во кои акцентот беше ставен на шансата за заедничко и здружено дејствување во интерес на трговска размена, соработка и прогрес на земјите од Отворен Балкан, беше отворено вино направено од грозје од региони од трите земји. Потоа лидерите во придружба на официјалните делегации ги посетија штандовите на излагачите и поразговараа со компаниите.

Дел од делегацијата на Република Северна Македонија на Саемот во Белград се ресорни министри за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за правда Никола Тупанчевски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

На саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Северна Македонија е претставена со вкупно 42 винарии и 3 дестилерии од нашата држава пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. Овој дел од претставувањето го реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во рамки на саемот „Винската визија на Отворен Балкан”, од денеска до 4 септември ќе има дегустација на вина, а воедно се одржува и натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан” 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.

На Саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја се претставува со повеќе од десет производители на храна од Северна Македонија кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.

Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот етно-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналински туризам.

Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, претседателот на Владата Димитар Ковачевски утре ќе биде домаќин на „Македонската вечер”, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија присутни на Саемот во Белград.

Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Слични содржини