Иднината на македонското лозарство и винарство се создава во винарските визби на големите и малите произведувачи, но особено во последниве години, малите семејни винарии се оние што го доживуваат својот подем. Денес во Северна Македонија се регистрирани 71 мали винарии што посветено одгледуваат сопствени лозови насади и произведуваат македонско вино со врвен квалитет, направено од вредните раце на нашите лозари, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по денешното отворање на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Тој истакна дека бележиме раст и кај регистрираните винарски визби, со зголемување од 55% вкупен капацитет за преработка на вино кој достигнува до околу 200 милиони литри, што е речиси два пати поголемо од годишното производство на вино.
-Чувството е прекрасно, кога го гледам големиот интерес на посетителите на нашите македонски штандови и нивното задоволство од убавината на нашето македонско вино. За тоа колку е добро нашето вино говори и посетеноста на македонските штандови, но и фактот дека Северна Македонија е 29-ти најголем извозник на вино во светот со вкупен извоз во вредност од 61,4 милиони долари и втора земја по извоз во регионот. Винскиот сектор за нас има посебно значење и токму затоа со посебно внимание го поддржуваме и промовираме, подвлекува Николовски.