Ќе продолжиме да ја раскажуваме македонската приказна и да ги афирмираме македонскиот јазик, литература и култура низ светот. Македонскиот јазик со своите специфики е исклучителен предизвик и остануваме посветени на неговото изучување. Во следниот период, уште повеќе ќе се посветиме и на нови преводи на дела од современата македонска литература. Новите изданија на учебниците, лекторската настава, предавањата и значајните публикации и материјали кои ги добивме ни овозможија нови видици. Научивме многу за македонската култура и подготвени сме за нови истражувачки потфати преку кои нејзините вредности ќе ги претставуваме на странските универзитетки центри.
Ова се дел од пораките кои 60-тина странски македонисти и слависти од 17 држави ги упатија во завршницата на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Школата заврши денес, со врачување уверенија и со споделување импресии од учесниците од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Меѓу нив се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри, нови генерации посветеници на македонистиката. Во изминатите 17 дена, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, тие следеа лекторска настава со вкупен фонд од 54 часа и 11 предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура. Дел од нив следеа и преведувачка работилница и курс за народни ора.
Според оцените на учесниците, јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува како една од најдобро организираните, со програма којашто опфати низа нова теми и ги мотивираше и на нови проекти преку коишто ќе јакнат врските на македонистиката со странските универзитетски центри и воопшто со странските културни средини. Семинаристите, особено искажаа задоволство и од опфаќањето интердисциплинарни теми, со сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
„Оваа Летна школа беше одличина! Предавањата беа многу интересни, а севкупно, програмата беше одлично конципирана за да можеме да посетиме сè и во целост да се посветиме. Одлични беа и вежбите – многу интересни и корисни, но одлични беа и програмските содржини преку кои уживавме во природните убавини и културното наследство. Наставата нè мотивираше за темите опфатени со неа да зборуваме и во слободното време, да ги разгрануваме знаењата и идеите. Уживавме во дискусиите со колегите и лекторите. Од непроценлива вредност е она што го доживеавме.” – истакнува универзитетската професорка Кристина Дуфкова од Чешката Република, којашто и претходно има учествувано на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
Сè уште и се надевам и понатаму: интересно, убаво, корисно, поттикнувачки…. – оценува академик Ала Шешкен од Руската Федерација, којашто важи за еден од најдобрите странски познавачи на македонската литература.
„Во ист момент чувствувам и тага и задоволство. Тага затоа што заминувам од Охрид, а задоволство затоа што запознав многу добри луѓе, стекнав радосни спомени и ја видов убавата Македонија. Се надевам дека ќе се видиме повторно.” – запиша Тамара Рахимиќ од Србија, којашто македонскиот јазик го изучуваше на средно рамниште и за првпат учествуваше на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
„Се уште: Ubi bene, ibi Makedonija.” – запиша универзитетската професорка од Словенија, Ѓурѓа Стрсоглавац, којашто по 16 години повторно учествуваше на школа на МСМЈЛК при УКИМ, а вакви емоции сподели и книжевната преведувачка Анамарија Цинеге Панзова, којашто на школите се враќа по 20 години од нејезиното претходно учество.
Ова се само дел од импресиите на учесниците, чијашто бројност укажува на зголемување на интересот за македонистиката на странските универзитетски центри. Меѓу другото, по неколку години, на Школата, повторно имаше семинаристи и од САД, Република Кореја и Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција на којшто се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите коишто учествуваа на Школата, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција.
Учесниците на Школата искажаа одделно задоволство и од квалитетот на новите изданија на учебниците по македонски јазик, литература и култура за странци, коишто би објави МСМЈЛК при УКИМ – „Тешкото” (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје” (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка” (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Со дополенијата во новите изданија, квалитативно, овие учебници се на уште повисоко рамниште, што се забележа уште во рамките на лекторската настава на Школата, а веќе од следната година да биде позабележливо и преку резултатите од наставата по македонистика на странските универзитети.
Во рамките на Школата, семинаристите имаа можност да бидат учесници и на културни настани, вклучително и како специјални гости на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово”. МСМЈЛК при УКИМ организираше и промоција на монографските публикации „Охридски раскажувачи” и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј” приредени од проф. д-р Димитар Пандев и поетот и книжевен критичар, Славе Ѓорѓо Димоски, како и на книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории” од академик Ала Шешкен, а во рамките на програмата, преку одделни програмски сегменти или преку наставата беа одбележани и значајни јубилеи – 120 години од раѓањето на Васил Иљоски, 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, 150 години од раѓањето на Гоце Делчев и 75 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.
Одделно важно е што јубилејната, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ги обедини институциите во заложбите за афирмација на македонистиката во светот. За семинаритите се овозможија публикации и други едукативни материјали од македонски научни и образовни институции, за првпат финансика поддршка овозможи и Министерството за образование и наука, а со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании. Во рамките на програмата на Школата, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат се вклучуваат во програмските активности на МСМЈЛК при УКИМ. Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
Активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со 49. Меѓународна научна конференција којашто ќе се одржи на 4 и 5 септември, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.