УЕФА бара од судиите да бидат построги кон фудбалерите кои симулираат

од Nikola Popovski
192 прегледи

Судиите на натпреварите во Лигата на шампионите мора да бидат построги кон фудбалерите кои претеруваат и симулираат во дуелите, во обидите нивните противници да добијат жолт или евентуално црвен картон, соопшти денеска Европската фудбалска унија (УЕФА).

УЕФА сака да ги казни обидите за „измама“ на судиите со лажирање или претерано реагирање на помали грешки во дуелите, пред почетокот на групната фаза од европските натпреварувања следната недела.

„Тоа претставува неправедно однесување на фудбалерите кон нивните колеги и е лош пример за непочитување“, се вели во изјавата на шефот на судиите на УЕФА, Роберто Росети.

Судиите на натпреварите мора да бидат „паметни“ и да покажат добра смисла за игра кога водат натпревари во Европа оваа сезона.

„Клучно е судиите да можат да ја читаат играта и да го разберат духот на играта во овие ситуации“, додаде Росети, кој го судеше финалето на Европското првенство во 2008 година и натпреварите на Светското првенство во 2006 и 2010 година.

УЕФА, исто така, сака судиите да ги спречат играчите да вршат мобинг врз судиите и другите официјални лица на натпреварот за да влијаат на одлуките и конфликтите на теренот.

„Решени сме да го заштитиме имиџот на фудбалот и веруваме дека одредени типови на однесување на теренот и на трибините се неприфатливи“, додаде Росети.

УЕФА одржа брифинг со меѓународните судии во пресрет на почетокот на сезоната во која покрај клупските натпреварувања и репрезентативците ќе играат и натпревари во Лигата на нации и квалификациите за ЕП 2024 година.

„Сакаме нашите судии да останат скромни, да имаат двете нозе цврсто на земја, да работат напорно, да бидат дисциплинирани, фокусирани на целите и да бидат силни и полни со почит“, изјави Росети.

На судиите во Лигата на шампионите ќе им помага полуавтоматска офсајд технологија која ќе оценува блиски одлуки користејќи повеќе камери кои ќе ги следат играчите. Системот ќе се користи и на Светското првенство во Катар.

Слични содржини