Во третото коло на УС Опен, Рафаел Надал го одигра својот најдобар натпревар на турнирот. Тој во три сета го победи Ришар Гаске со 6:0, 6:1 и 7:5. Сепак, Рафа вели дека засега на овој турнир се претставува полошо во однос на оној во Мелбурн.
Рафаел Надал се согласи со изјавата на новинарот дека ова му е најлесниот меч на турнирот. Тој за два часа и 15 минути го совлада Ришар Гаске, иако Рафа изјави дека третиот сет му бил предизвик. Сепак, Шпанецот вели дека во Австралија на првиот Гренд слем играл подобар тенис во првата недела.
„Овде играв малку полошо, без сомнение. Сепак, овогодинешната приказна и резултатите на Слемовите се неверојатни и тоа ми помага. Сите победи ти даваат самодоверба, тоа е моментот кога треба да направам чекор напред. Втората недела против толку тежок ривал како Френсис (Тиафо). Морам да бидам подготвен и морам да го кренам нивото. Знам дека сега е вистинскиот момент на турнирот за тоа“, изјави Рафаел Надал.
Новинарите го прашаа Надал што очекува од тениските историчари кога за 20 години ќе ја оценат неговата ера во која испиша историја со Федерер, Ѓоковиќ, Серена…
„Тоа е одлична приказна за нашиот спорт. Играчите направија многу во последните 20 години. Тоа го направи нашиот спорт подобар, попопуларен, создаде повеќе работни места на турнејата и мислам дека генерално повеќе луѓе живеат од нашиот спорт. Тоа значи дека овој спорт е поголем од порано. Горд сум и среќен што имам мал придонес во тоа. На личен план, одлично е што ги делев сите овие години со толку големи шампиони. Да се биде дел од оваа ера е апсолутно голема чест“, додава Надал.