Макрон и Шолц со писмо до Вучиќ: Нормализација на односите со Косово е од суштинско значење за Западен Балкан

од Nikola Popovski
180 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска оценија дека „целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан“ и додадоа дека ги задолжиле своите советници за надворешна и безбедносна политика да дадат директна поддршка на специјалниот претставник на ЕУ. за дијалог, Мирослав Лајчак, се наведува во денешното соопштение објавено од Претседателството на Србија

Во заедничкото писмо до српскиот претседател Александар Вучиќ, Макрон и Шолц наведуваат дека во светло на руската агресија врз Украина, мора да се направат посилни напори за да стане реалност европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Ви испраќаме заедничко писмо во момент од клучно значење за безбедноста на европскиот континент и стабилноста во регионот на Западен Балкан. Убедени сме дека, во светлината на руската агресија врз Украина, мора да вложиме уште посилни напори, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан да стане реалност и да се решат долгорочните билатерални и регионални спорови. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан“, се наведува во писмото, пренесуваат српските медиуми.

Макрон и Солц го повикаа Вучиќ да покаже максимална решителност и подготвеност за носење тешки одлуки, кои водат до напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија, под покровителство на ЕУ.

Неодамнешните тензии покажаа дека итно се потребни конструктивни чекори напред, и на практично и на политичко ниво, се додава во писмото.

„Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, Јенс Плетнер и Емануел Боно, да му дадат директна поддршка на Мирослав Лајчак во неговите напори. Предлагаме нашите советници заедно со Мирослав Лајчак да ги посетат Косово и Србија за да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот“, се додава во писмото до Вучиќ.