Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска црташе на табла и објаснуваше како компанијата ги продава ноќните вишоци. Тој своето обраќање го насочи кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и му порача дека како дел од енергетскиот сектор и главен советник за енергетиката на претходната власт „треба да знае и добро е да знае како се продава ноќната енергија“.
„АД ЕСМ, затоа што зеде обврска да произведува електрична енергија 100 проценти за ЕВН Хоум, да ги покрива техничките загуби во системот на Електридистрибуција и да ги покрива загубите во системот на пренос што го врши АД МЕПСО, ги има вклучено сите капацитетит што ги има на располагање. Во овај период од годината, кога има помал конзум од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а кога се вклучени капацитетите РЕК Битола со два блока и ТЕЦ Неготино, се појавуваат ноќни вишоци од 2 до 7 часот со инсталирана моќ од 50 MW. Оваа енергија АД ЕСМ мора да ја произведе затоа што се вклучени сите овие капацитети и нема техничка можноста да се намали или да се исклучат овие капацитети затоа што нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа. Оваа енергија, која што се продава од 2 до 7 часот, на јавна објава, на јавна аукција, со транспарентна и конкурентна постапка, можеме да ја продадеме по одредени цени кои индикативно ги дава ХУПЕКС берзата, а цената се формира врз основа на добиените понуди“, рече Ковачевски.
Ковачевски му порача на Мицкоски дека „оваа енергија, овие ноќни вишоци што ги продава ЕСМ, се на слободниот пазар, може да ги купи било кој што ја сака и има потреба и следното, ја продаваме на аукција каде имаме највисока цена во конкурентна и транспарентна постапка“.
„Втората работа е доколку Христијан Мицкоски успева вешто да ги манипулира граѓаните и да лаже, тоа е негов проблем и проблем на неговата политичка опција. Но, граѓаните треба да знаат дека ние како компанија, се грижиме за интересите прво на компанијата, второ на државата, а следствено на тоа се грижиме за интересите на сите граѓани. Ние во овој период ги правиме сите напори и затоа сме денеска тука, во РЕК Битола колку што е можно повеќе и подобро да се подготвиме за следната грејна сезона затоа што сите знаеме дека претстојната зима ќе биде најтешката во последните 70 години“ појасни директорот на АД ЕСМ.