Приватните лекари од денеска до 7 септември нема да работат со пациенти и нема да издаваат рецепти, но ќе бидат на нивните работни места и ќе примат само итни случаи, на штрајкот со кој бараат покачена капитација.
-Нашите проблеми се кажани и пренесени, поголемиот дел од нашите барања не се пари, промените треба да се исполнат бидејќи се е во интерес на народот, кажа за „Локално“, др. Лилија Чолакова Дервишова претседател на Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ), која напоменува дека матичните лекари долго и трпеливо чекаат да се најде решение за нивните проблеми.
-Платите на наставниците им се покачија, исто така тоа се случи и со лекарите од јавниот сектор, полицијата, матичарите… ние толку толерантно чекаме со години да се најде решение за нашите барања. Сме останале во оваа држава за да работиме. Немам млади кадри, а ни се потребни за работа и тоа во помалите градови. Со сите нови покачаувања, многу е тешко еден лекар да егзистира, појаснува докторката.
Матичните доктори тврдат дека реформите кои ги бараат нема да бидат на товар на буџетот туку се само административни и технички.
„Пациентите не смеат да трпат поради незадоволството на матичните лекари“
Министерот за здравство Беким Сали не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него, не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии.
-Ние во изминатиот период од шест месеци веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец дена или два, или пак, под притисок знаејќи дека во изминатиот период ние постојано дискутиравме, повеќе точки се предложени на Влада, дадени се насоки, тоа се процедури исто како што имаме забелешки за јавните набавки исто и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат, рече Сали.
Премиерот Димитар Ковачевски во понеделник пристигнува во еднодневна работна посета на Бугарија, а причините се енергетската криза.
Во делегацијата, предводена од премиерот, ќе има и претставници од секторите за економија и енергетика, информира од прес-службата на Владата во Северна Македонија.
Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков денеска изјави дека сериозно се подготвуваат за утрешната посета на Ковачевски.
-Односите меѓу Бугарија и Северна Македонија имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија од Бугарија во Република Северна Македонија, изјави Милков во интервју за неделната програма „Недела 150“ на БНР.
Тој додаде дека кога ќе дојде премиер од соседна држава, треба да се постават сите прашања кои би биле од интерес за двете земји.
Ковачевски во Бугарија пристигнува по посетата на Белград, каде учествуваше на состанокот на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“.